Македонија
22. January 2026 - 16:33

Грипот и понатаму со бројки над 2000 случаи – досега три смртни случаи поради компликации од вирусот

Гужви во амбулантите, полни болнипчки соби на одделенијата. На Клиниката за детски болести имаат над 100 прегледи во ургентната амбуланта и триесетина деца со потврден грип кои се под лекарски надзор. Педијатрите велат дека овој период имаат и поголем број на доенчиња кај кои дијагностицираат респираторен синцицијален вирус и тие со компликации ги хоспитализираат. 

- Продолжуваат да доаѓаат деца со симптоми на грип. Секако, очекуваме можеби наредниот период поради почетокот на наставата да имаме зголем број на пациенти. Најголем број имаат полесни симптоми и нив ги третираме амбулантски а децата со пневмонии и воспаление на мускулите ги примаме на болнички третман, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести. 

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, минатата недела регистрирале 2062 случаи на заболени од грип или болести слични на вирусот што е за 11 процвенти помалку од претходно анализираниот период, но 46 проценти повеќе од истиот период минатата сезона. Повеќе од 500 од новозаболените се деца до 14 годишна возраст. Покрај грип во лабораторијата на ИЈЗ изолираат и респираторен синцицијален вирус кој исто така прави компликации кај помладите. 

- Особено кај малите деца и доенчињата респираторниот синцицијален вирус прави компликации како воспаление на белите дробови, бронхиолити и најчесто го детектираме кај помалите, вели д-р Мемеди. 
Бројката на заболени оваа сезона достигна 8209 случаи. Минатата недела беа регистрирани и три смртни случаи кај пациенти поради компликации од вирусот.  Две 75 годишни жена и 69 годишен маж починаа на Инфективна – имале повеќе хронични заболувања и не биле вакцинирани против грип. 

Епидемиолозите очекуваат пикот да биде на почетокот на февруари.