Груевска Дракулевски: Казните се ниски, но потребно е повеќе да се работи на превенција
Многу сообраќајки со жртви, а ниски казни за предизвикувачите. Според статистичките податоци, најголем дел од казните за несреќи во сообраќајот се во траење од шест месеци до две години. Таквата казнена политика, според правните експерти, не го постигнува превентивниот ефект за намалување на бројот на жртви на патиштата.
Универзитетската професорка Александра Груевска – Дракулевски, смета дека казнената политика е неизоставен дел од процесот на зголемување на дисциплината на учесниците во сообраќајот.
„Во однос на судската казнена политика согласно статистиките од државниот завод за статистика, доминираат казни затвор во траење до шест месеци, следуваат оние од шест месеци до една година и од една до две години затвор, што укажува на фактот дека имаме релативно блага казнена политика према овие кривични дела. Инаку согласно кривичниот законик, за кривичното дело загрозување на безбедноста во сообраќајот може да се изрече казна затвор до три години, а за тешките дела против безбедноста може да се изрече казна затвор од најмалку четири години, а тоа значи, најмногу 20 години“, вели Александра Груевска – Дракулевски, Професор на Правен факултет Јустинијан Први.
Проблем при изрекување на казните, според Дракулевски, се причините кои довеле до незгодата.. Небрежност, умисла или безобзирно управување се квалификациите на делото кои ја диктираат казнената политика.
„Најсложено прашање кај сообраќајна деликвнеција е утврдување на вината. Особено проблематично е разграничувањето меѓу евентулано умисла и свесна небрежност. Во нашата судска практика прифатен е критериумот на безобзирност или груба немарност за другите и кога учесник во сообраќајот безобзирно и грубо ги крши правилата и прописите за возење, и притоа е свесен дека создава состојба на опасност што не може да ја контролира, делото би требало да се третира како умислено дело“вели Александра Груевска – Дракулевски, Професор на Правен факултет Јустинијан Први.
И покрај ова, според експертите никој не посакува да е учесник во сообраќајка, па сметаат дека освен казни, неопходно е зголемување на културата на сите учесници во сообраќајот.
„Сообраќајните деликти не се умислени кривични дела, тие се небрежни кривични дела и никој никогаш не го сака извршувањето на тоа кривично дело, ниту пак размислува дека би бил вклучен во едно вакво кривично дело , така што сепак мислам дека мора да се работи пред се на подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот“ вели Александра Груевска – Дракулевски, Професор на Правен факултет Јустинијан Први.
Последна жртва во сообраќајот е 80 годишна жена од Скопје прегазена кај скопската обиколница. Во неа среде бел ден удрил возач на автомобил, кој побегнал од местото.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
