Македонија
12. July 2021 - 16:56

Гужви на првиот ден од вакцинирањето без закажување

Ваква беше сликата на првиот ден од вакцинацијата без закажување во Поликлиниката Букурешт. Граѓани уште од отворањето на пунктот чекаа во ред. Повеќето беа повозрасни, дојдени за прва доза. Денеска во оваа установа боцкаа со Синовак.

Помал беше редот за ревакцина.

-Денеска поголем интерес има за прва доза, како што гледате има многу гужва, изјави д-р Ана Алексовска Бошковска, лекар во Здравствен дом Скопје.

-Од отворањето на пунктот во 7:30 утрово до 10 часот овде во Поликлиниката Букурешт вакцинирале 250 граѓани.

- Претпоставувам дека граѓаните сакаат да завршат работа порано додека е студено. Не знам дека имало инцидент. Се надевам дека нема да има. Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот, пристапот, граѓаните во кој било дел од денот да можат да дојдат и да не бидат вратени и да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите на сите здравствени домови да видиме како да се организира редот, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во Поликлиниката Букурешт утринава за вакцинација со Фајзер имале и двајца малолетници.

-Треба да пополнат пријава и истата да биде потпишана од родителот или старателот, вели д-р Ана Алексовска Бошковска.

За да бидат искористени сите дози, Филипче најави дека вакцинацијата на деца над 12 годишна возраст ќе продолжи во петок. Во меѓувреме родителите треба да ги пријават на сајтот вакцинација.мк од денеска до четврток.

-Затоа што вакцината на „Фајзер“ еднаш кога ќе се отвори, мора да се вакцинираат шест лица бидејќи во вијалата има шест дози и ако се јави едно или две деца, голем е ризикот одреден број вијали да се фрлат, а тоа не сакаме да се случи. рече Филипче.

Покрај постоечките пунктови во Букурешт, Јане Сандански и Чаир, денеска беше отворен уште еден во поликлиниката Шуто Оризари. Сите ќе функционираат без закажување за вакцинација. Оние кои прва доза примиле во Борис Трајковски таму и ќе се ревакцинираат. Наместо на 3 месеци, втората доза Астра Зенека во земјава ќе се дава на 6 недели.