Хуманитарна акција во црквите во Прилеп за Велигден
Црквата Свето Благовештение во Прилеп по 10-ти јубилеен пат ја организираше хуманитарната акција за Велигден со која на околу 100 социјално загрозени семејства ќе им бидат поделени пакети со прехрамбени производи во износ од по околу 3.000 денари. Во акцијата со средства учествуваат верниците кои можеа да донираат пари во специјалните кутии кои беа поставени во сите цркви во градот, компании од Прилеп и самата црква. После 10 години, годинава се одлучиле за прв пат во јавност да ја откријат оваа акција.
„Имаме доста негативни коментари понекогаш околу тоа колку црквата помага на сиромашните, па затоа и од тој аспект го правиме ова видео за да ете народот види. И да упатиме еден апел, не мора преку црквата можат и самите да превземат иницијатива и да им помогнат на тие на кои им е најтешко, нека им помогнат на било кој начин“, изјави Драган Џокоски, организатор на акцијата.
Вакви акции се организираат за Божик и Велигден, а организатор на целиот настан е неофицијална хуманитарна организација која го носи името на Свети Никодим Прилепски и Тисмански. Се надеваат дека овие акции ќе продолжат и во иднина со собирање на уште повеќе средства. Од оваа организација велат дека македонскиот народ иако сиромав отсекогаш бил милосрден, а тоа го потврдувал и апостолот Павле кога се обраќал до нив..
„И тој кажува, другите даваат од нивниот вишок, ама вие дадовте од вашата немаштија. И заради тоа трудот или дарот на македонскиот народ отсекогаш бил најдобар, бидејќи македонскиот народ никогаш не дал и не дава од својот вишок заради тоа што го нема“, вели Емилијан Зелнички, дел од организацијата на акцијата.
Освен овие 100 пакети во градот, други 20 пакети ќе бидат поделени и во дел од населените места.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
