Македонија
9. January 2020 - 16:36

И во труд и социјала тешко оди кохабитацијата помеѓу министерката и дополнителната заменичка

Наместо да се решаваат, се натрупуваат нови барања за туѓа нега. Техничката министерка за труд и социјала обелодени дека од 8.500 предмети од јуни до октомври биле решени близу 1.600, а поднесени се дополнителни 4.600. Според Мизрахи во моментот 11.500 граѓани чекаат одговор дали им следува паричен надоместок за нега од друго лице. Таа обвини дека Владата и министерството претходно проблемите ги “ставале под тепих”.

- На ваков начин се пробиени сите рокови, првичниот рок од 30 дена од поднесување на барањето и вториот рок од дополнителни максумум триесеттина денови доколку се работи за посложени предмети. Не е прашање на политика, туку на егзистенција и помош на граѓани на кои им е потребна нега, изјави Рашела Мизрахи, технички министер за труд и социјална политика.

Од кабинетот на дополнителната министерка Санела Шкријељ ја демантираат Мизрахи и обвинуваат дека не ги познавала законите, ниту како функционираат 15-те комисии за туѓа нега.

- Ако Мизрахи го прочита новиот Закон за социјална заштита,  ќе дознае дека рокот за постапување за предметите за помош и нега од друго лице е 60 дена, а не еден месец како што тврди. Мизрахи во својата прес конференција се повикува на погрешен закон, а тоа е Законот за општа управна постапка.  Како за појаснување, рокот е утврден во членот 282 од Законот за социјална заштита и тој е утврден на 60 дена, стои во демантот од дополнителната министерка.

За навредите на социјалните мрежи министерката Мизрахи одговори дека е срамно во политичка битка да се користат националната, етничката или верската припадност. Таа рече дека е горда на своето еврејско потекло.

-Јас сум од оние луѓе коишто се вратија дома. Македонија е моја држава. Јас сум дома и ова е мој народ. Нема да дозволам никој да го обележи мојот народ како антисемитски народ. Јас сум растена во средина во соживот и со Македонци, Албанци и со Турци, Срби, Бошњаци, со луѓе од различни етнички, национални и верски припадности, рече Рашела Мизрахи.

Мизрахи на денешната прес конференција одговори само за нападите врз неа, не дозволи други прашања, ниту на темата.