Иако имаат селска амбуланта жителите во струмички Куклиш повеќе од една година немаат доктор
Амбуланта имаат, но не и доктор. Жителите од струмичко Куклиш се жалат дека повеќе од една година немаат доктор во селото. Откако се пензионирал претходниот амбулантата била затворена и од тогаш наместо во сопственото место за сите здравствени услуги мора да одат во Струмица.
Концесионерот на амбулантата вели дека проблемот не е кај нив. Тие се јавиле на огласот за концесија и истата ја добиле по што старата и руинирана зграда целосно ја реконструирале и опремиле. Побаран е медицински тим за работа во амбулантата, но им било одговорено дека нема место во мрежата.
Од министерството за здравство велат дека Мрежата тековно се ажурира, а поднесените барања се разгледуваат според редоследот на поднесување. Појаснуваат дека добивањето концесија не значи и автоматски влез во мрежата бидејќи тоа биле две различни постапки.
,, Максималниот број тимови по дејности на примарно ниво и по подрачја на општини е утврден со уредба на Владата. Тековната евиденција за бројот на тимови по општа медицина во мрежата на здравствени установи ги следи престанувањата на доделени лиценци и доделувањата нови, која се ажурира и со проверка и усогласување со службената евиденција на Фондот.Таа евиденција тековно се ажурира поради промените што настануваат во здравствените установи во мрежата.,, информираат од МЗ.
Истовремено потенцираат дека постои можност согласно регулативата постојниот тим во мрежата со веќе склучен договор со Фондот да се прераспореди во рамките на иста установа на истото подрачје без промена во вкупниот сооднос на актуелниот и максималниот број тимови.
Ова според концесионерот не е можно бидејќи со префрлувањето на постоечките доктори се нарушува работата во другата амбуланта.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар