Македонија
2. November 2023 - 16:44

Иако Животна средина најави за вторник, се уште нема информации колку е штетен отпадот кај Орман

Иако министерката за животна средина најави дека најдоцна до вторник ќе се знае колку е штетен по здравјето отпадот од оловна згура складиран во скопско Орман близу Лепенец, се уште нема информации што покажале хемиските анализи.

Не успеавме да добиеме одговор ниту од директорот на Инспеткоратот за животна средина, дали фирмата имала дозвола на тоа место кое е приватен имот да одложува топени акумулатори и батерии и што превземале. Минатата недела Шукова потенцираше дека таму се работело незаконски. 

Резултатите од лабораториските испитувања на земените примероци ги чекаат и во општината Ѓорче Петров, чиј инспектор пред 3 недели алармираше за опасниот отпад. 

- Нема податок за каков тип на отпад се работи, изјави Александар Стојковски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот вели дека како локална самоуправа досега постапиле согласно нивните надлежности. Ако за уште 2 недели не биде дислоциран отпадот ќе следувала казна бидејќи чекале да поминат законските 30 дена.

Министерот за локална самоуправа смета дека за ефикасно справување со вакви ситуации потребни се капацитети кадровски и технички, како и пари.

- И да ја задолжиме фирмата јас не верувам дека ќе успее да го расчисти местото за толку кратко време, изјави Ристо Пенов, министер за локална самоуправа.

Пенов потенцираше дека сторителите треба веднаш да се санкционираат и да бидат пример да не се случува вакво нешто во иднина.

Инаку казната за ваков прекршок за физичко лице е 250, а за фирма 120.000 евра.