Македонија
19. July 2022 - 16:37

ИЈЗ: 63% раст на бројот на Ковид позитивни

За 63 проценти е зголемен бројот на Ковид позитивни за една недела. Во најновиот извештај на ИЈЗ пријавени се 2819 случаи, 668 од нив се реинфекции, но направени се и поголем број тестирања споредбено со претходната седмица. Во моментот на болничко лекување во целата држава има 50 пациенти, 22 –ца повеќе од неделата претходно. Матични лекари сметаат дека од она што го гледаат во ординациите бројките се многу поголеми и ова било очекувано зошто луѓето почесто патувале.

-Бројката која ја гледаме на терен е апсолутно поголема од официјалните бројки и тоа е генерално нормално, зошто голем дел од пациентите сами се тестираат со брзи тестови од аптека, вели д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.

Доктор Трајковски вели дека бројките не треба да не паничат туку треба да бидеме внимателни заради постарите зошто помпладите полесно го поминуваат вирусот.

-Она што го гледавме пред 2 години кога имавме активна пандемија и ова сега се сосема две различни слики. Сега гледаме број на позитивни, но многу полесна симптоматологија и со помало време траење, додава д-р Трајковски.

Наместо утре Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок в петок, но според информации на Сител не се очекува да препорачаат враќање на дел од Ковид мерките, туку ќе најават реорганизација на примарното здравство за прием, дијагностика и третирање на позитивни како и и отворање на нови Ковид амбуланти.