ИЈЗ го отвори првото државно психолошко советувалиште за деца и младинци
Прво психолошко советувалиште за деца и адолесценти каде закажувањето ќе оди преку матичен лекар и Мој Термин. Центарот беше промовиран денес во рамки на Институтот за јавно здравје од каде велат дека е единствен од ваков карактер во државта. За сите емоционални, семејни, училишни и лични предизвици со младите и нивните семејства ќе работи тим од стручни лица.
-Ќе се водат разговори, ќе се даваат насоки, и тоа не само за надминување на проблемите туку и за понатамошен емоционален развој, за комуникациски вештини и надминување на сите оние бариери со кои се сретнуваат децата или проблемите во текот на животот во предучилишна возраст, во училишна возраст и малку кај постарите, изјави Марија Андоновска, директор на Институт за јавно здравје.
-Од денес започнуваме со нов пристап кон менталното здравје на децата и адолесцентите. Менталното здравје не смее да биде тема што се стигматизира или остава за подоцна. Нашата обврска е да создадеме систем што препознава, поддржува и интервенира навреме, особено кога станува збор за деца и адолесценти“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Освен психолошкото советувалиште, денеска при посетата на премиерот беше промовирана и скапа апаратура која со години не била користена а сега е во фунција. Како и пред неколку дена кога директорката на ИЈЗ обелодени за фантомски вработени, архиварка со плата од 100 000 денари и набавки со двојни цени, се уште не се знае ќе има ли одговорност. Андоновска вели дека со инвестициите целта им е да ја вратат довербата на граѓаните во институцијата.
-Од една институција која што тонеше во долгови денеска имаме инстиуција која што инвестира во опрема, во реновирање на инфраструктурата. Институција која што генерално се грижи за јавното здравје, за разлика од институција во минатото, а вие сте сведоци за оние ревозирски извештаи коишто се од минатото на која што служела за се, само за она за што требала да служи, а тоа е да се грижи за јавното здравје, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Психолошкото советувалиште за деца и младинци во Институтот за јавно здравје ќе биде достапно за услуги од понеделник.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
