Македонија
18. January 2024 - 16:42

ИКС: Со наближување на изборите се заострува и негативната реторика и обвинувања од партиите

Политичарите во Македонија преку непоткрепени обвинувања и со манипулации удираат по своите политички противници. Обвинуваат за корупција, нетранспарентност, злоупотреба на службената положба, но без докази за таквите тврдења, покажува анализата на Институтот за комуникациски студии. Со тоа ја поткопуваат довербата во институциите и вршат напад врз одредена личност се посочува во истражувањето.

Штетните наративи најчесто произлегуваат од партиските соопштенија објавени на фејсбук страните или на прес конференции. Во ова предничат најголемите политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, најчесто употребувани термини за меѓусебно обвинување се „антинародни“ за власта и „анти-ЕУ" за опозицијата, но појавата за штетни наративи е често застапена и кај Левица и албанските партии предводени од ДУИ.

- Непроверени наоди се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста, вели М-р Бојан Георгиевски, од ИКС.

Истражувањето на ИКС се однесува за месеците септември и октомври 2023 година и опфаќа два сегменти. Следење на наративите што ги креираат и ги споделуваат политичките актери во Македонија. Анализирани се интернет и фејсбук-страниците на 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во сегашниот парламентарен состав.

Другиот сегмент се однесува за медиумите. Спроведен е мониторинг на 11 онлајн -медиуми и 9 телевизии.

Заклучокот за медиумите е дека дел ги пренесуваат обвинувањата без да ги запазат професионалните стандарди, да ги проверат или да побараат став од втората страна.