Македонија
16. April 2026 - 21:18

Имаат ли властите стратегија за овогодинешните пожари на депониите?

По повеќе од седум месеци затишје, депониите околу Скопје повторно се разгоруваат. Вардариште и Арачиново. Старите жаришта се активираат, чадот се издига, а пожарникарите излегуваат на терен.

Од Иницијативата Стоп за Вардариште се заканија со нови блокади, доколку, како што велат, не се врати постојаното полициско присуство на депонијата.

„По протестите и јавниот притисок што се случуваа кон крајот на минатата година, Вардариште не гореше цели 7 месеци, но денес повторно сме сведоци на истото сценарио: чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните. Ова е последно предупредување од наша страна! Доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, нема да останеме мирни, а ќе бидеме приморани и на потенцијално ново активирање на блокадите“, стои во реакцијата на Иницијативата.

Вчерашниот пожар кај Вардариште е подметнат, вели градоначалникот на Град Скопје. Иако одгасување на Вардариште најавија претходните градоначалници тоа не беше направено. Според Ѓорѓиевски физибилити студија е веќе спроведена, а токму денеска започна и процесот на одгасување на депонијата. Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови што со години се наталожуваа на ова место.

Но имаат ли надлежните стратегија како да се справат со пожарите за да не се повтори сликата од лани кога поради Дрисла и Вардариште се гушеше цело Скопје.

Од Министерството за животна средина за Сител велат дека забраната за движење на неовластени лица се уште е во тек. Се разгледува можноста и за поставување на камери.

„Министерството разгледува можности за воспоставување систем за континуиран видео-надзор на локацијата, при што овие активности се во почетна фаза“, соопштија од ресорното Министерство.

Скоро две недели гори и депонијата во с. Арачиново према с. Грушино. Се буди во различни периоди од денот.

Според информациите на Центарот за управување со кризи, дежурните екипи го набљудуваат ова место и чекаат повик доколку е потребна нова интервенција.