Инспекторатот за животна средина треба да утврди кој го складирал и колку е опасен отпадот во скопско Орман
Колкава концентрација на олово содржи отпадот складиран на приватен имот во скопско Орман и колку е опасен по здравјето на луѓето треба да утврди Инспекторатот за животна средина. Од таму треба да дадат одговори и кој ги собирал топените акумулатори и батерии околу 500 тони на посочената локација и дали има соодветна дозвола за тоа, откако уште пред 2 недели овластен инспектор од Општината Ѓорче Петров алармирал за присуство на опасен отпад во околината на главниот град. Директорот на Инспекторатот најави дека информации на медиумите ќе даде по посета на локацијата, но до подготовка на прилогот не добивме одговори на прашањата кои ја интересираат јавноста.
Градоначалникот на Ѓорче пак вели дека во нивната општина нема фирма која поседува соодветна дозвола за преработка на ваков отпад. Разговарал со сопственикот на земјиштето, но ниту тој не бил информиран што складирале закупците на просторот.
- Во Општина Ѓорче Петров не постои фирма со А- интегрирана дозвола за преработка на ваков тип отпад, изјави Александар Стојковски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Градоначалникот Стојковски вели дека согласно законот и надлежностите овластениот општински инспектор кој го лоцирал складиштето со опасниоот отпад тој издал решение истиот да се дислоцира во рок од 30 дена.
- Но, прашање е каде да се дислоцира, бидејќи во земјава нема соодветна депонија за олово, вели Стојковски.
Невладините еколошки организации пак бараат кривична одговорност за складирање на ваков опасен отпад.
Според токсикологот доктор Андон Чибишев, оловото е тежок метал и може да предизвика сериозни последици врз здравјето.
- Оловото предизвикува сериозни крвни заболувања, вели проф. Д-р Андон Чибишев.
Инаку местото каде е лоциран овој опасен отпад во скопско Орман се наоѓа во близина на реката Лепенец.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар