Македонија
12. December 2020 - 19:34

Избори во Штип: Гласаат затворениците, старите и изнемоштени лица

Сите 66 болни и изнемоштени кои поднесоа соодветна медицинска документација до ОИК, го искористија своето демократско право. Од просториите на ОИК членови на избирачките одбори го подигнаа изборниот материјал и средствата за дезинфекција и со придружба на полицијата беше однесен на 77-те гласачки места во општината. Од таму, доколку на списокот има пријавено болни и изнемоштени се упатуваа кон нивните домови, за да им овозможат да го дадат својот глас за некој од петтемина кандадати за челното место на општина Штип. 

Осудени лица на издржување казна затвор со адреса на живеење во општина Штип има во 6 казнено поправни установи во земјата. Најмногу од нив, односно 40 се во штипскиот Затвор. Избирачкото место е отворено утринава во 7 часот и гласањето се одвиваше без проблеми. Во останатите 5 казнено поправни институции, каде има вкупно 26 осуденици од Штип, рано утринава, заминаа исто толку избирачки одбори.

Утрешниот изборен ден започнува во 7 наутро, а завршува во 19 часот. За успешен изборен процес потребно е да излезат една третина од 41.777 избирачи или 13 996 граѓани.