Македонија
30. April 2022 - 16:28

Изготвени 7 вештачења за пожарот во модуларната болница - Дали ќе има обвинение се уште не се знае

Резултатите од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница најпрво ќе бидат презентиранИ пред државниот обвинител па потоа ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Во телефонски разговор за Сител, тетовскиот обвинител Бесир Алиу, вели дека причините за пожарот се барале низ седум различни вештачења, меѓу нив и тоа на германските експерти. 

Обвинетелството, очекувало уште едно вештачење на електроинженери, за кое Алиу вели дека нема да влијае врз предметот. Тој појаснува дека најголемо внимание истрагата посветила на објектот и материјалите од кои бил изграден.

Доказите, вештачењата и наодите на германските форензичари ќе бидат презентирани овде во јавното обвинителство по што ќе биде познато дали некој ќе одговара за трагедијата во која животот го загубија 14 лица.

Претходно обвинителството објави дека пожарот во тетовската модуларна болница избил од прегревање на електричен кабел на кој биле вклучени апарат за реанимација, полнач за мобилен и уште еден електричен апарат. Огнот брзо го зафатил ѕидот, а пламените јазици продолжиле кон покривната конструкција. 

За брзото ширење на огнот посведочи и снимката од безбедносните камери според која за околу три минути целиот објект бил во пламен.