Израел категорично го отфрла извештајот на агенцијата поддржана од ОН, кој потврдува масовен глад во дел од Газа

Израелската воена агенција за координација на владините активности на териториите (ЦОГАТ) соопшти дека „категорично го отфрла“ извештајот одобрен од ОН, кој за прв пат потврдува дека има масовен глад во дел од Појасот Газа, објави ДПА.
Во извештајот, објавен денеска, се наведува дека според Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (ИПЦ), постојат „суштински докази“ дека масовен глад се случува во Појасот Газа, административен регион што го вклучува и градот Газа, од 15 август.
„Претходните извештаи и проценки на ИПЦ постојано се покажаа како неточни и не ја одразуваат реалноста на терен“, изјави ЦОГАТ на „Х“ како одговор на извештајот на ИПЦ.
Шефот на ЦОГАТ, Гасан Алиан, рече дека „извештајот на ИПЦ се базира на делумни и несигурни извори, од кои многу се поврзани со Хамас, и очигледно ги игнорира фактите и обемните хуманитарни напори што ги прават Државата Израел и нејзините меѓународни партнери“.
„Наместо да обезбеди професионална, неутрална и одговорна проценка, извештајот усвојува пристрасен пристап полн со сериозни методолошки недостатоци, со што го поткопува неговиот кредибилитет и довербата што може да ја има во меѓународната заедница“, рече Алијан.
Класификацијата на ИПЦ доаѓа во време кога израелските сили напредуваат кон градот Газа откако владата одобри планови за освојување на метрополата со околу еден милион жители во обид да го уништи она што остана од палестинската екстремистичка група Хамас.
Новата офанзива предизвика загриженост за понатамошно страдање на цивилите, кои во голема мера се лишени од основни потреби, вклучително и храна, откако Израел воведе речиси целосна блокада на територијата претходно оваа година. Минатиот месец, Израел делумно ја укина блокадата, дозволувајќи ограничени количини помош да влезат во енклавата.
МИА
Ново на Сител
-

ВМРО-ДПМНЕ со нови обвинувања за Богоев
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Петар Арсовски, политички аналитичар
-

Мицкоски оптимист по средбите со Мерц и Макрон
-

Филипче: Самитот во Тиват испрати јасен сигнал дека западниот Балкан припаѓа во ЕУ
-

Почна полагањето на државната матура - над 14.500 ученици седнаа на жешките столчиња
-

Се крои новата цена на парното, старите цевки летово ќе поминат „стрес-тест“
-

ИЈЗ го отвори првото државно психолошко советувалиште за деца и младинци
