Се крои новата цена на парното, старите цевки летово ќе поминат „стрес-тест“
Се подготвува новата цена на парното. Компаниите за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија веќе ги испратиле своите математики и трошоци до Регулаторната комисија, која треба да пресече колку пари ќе им се наплаќа на граѓаните за претстојната грејна сезона. Одлуката ќе се носи следниот месец, а ќе важи од први август.
Од ЕСМ велат дека врз конечната цена влијаат повеќе фактори, но најголемо значење има цената на природниот гас.
„Актуелните прогнози укажуваат на раст на цената на природниот гас на берзите, пред сè како резултат на тековните геополитички случувања на Блискиот Исток кои предизвикуваат нестабилност на глобалните енергетски пазари“, ни одговорија од ЕСМ.
Премиерот Мицкоски не сакаше да прогнозира дали и за колку ќе поскапи парното, посочувајќи дека Регулаторна е независно тело. Но, повтори дека кај нас енергенсите се најевтини.
„Ние успеавме, како Влада, овие две години и покрај епски најголемата енергетска криза којашто се случува во светот и којашто сѐ уште трае, да обезбедиме убедливо најниска цена на нафтата и нафтените деривати, односно најниска цена на дизел горивото и безоловните горива. Во последните две години да немаме поскапување на електричната енергија и ова што вие го кажавте – минимално, би рекол, статистичка грешка поскапување на парното поради инвестициите. И кога сето тоа ќе го споредите со соседните држави во регионов, еве не збориме во Европа, ние сме држава со убедливо најниски цени кога станува збор за овие енергенси“, изјави Мицкоски.
Летово, пред да почне новата грејна сезона, екипите на терен ќе вршат „напрегање“ на мрежата. Станува збор за еден вид „стрес-тест“ – цевките намерно се изложуваат на висок притисок за да се види дали се слаби или кородирани. Идејата е дефектите да се откријат и поправат во текот на летото, за да се спречат големи хаварии и ладни радијатори сред зима. Од ЕСМ велат дека оваа практика со години била занемарувана.
„За првпат се одвиваат активности за модернизација, реконструкција и проширување на мрежата, при што на последните состаноци на Комитетот за јавни инвестиции, формиран од Владата, реконструкцијата на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Скопје е утврдена како приоритетен капитален проект“, велат од ЕСМ.
Токму потребата од модернизација на топловодната мрежа беше една од причините за претходното зголемување на цената. Во декември лани, парното поскапе за 5.9 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
