Македонија
17. September 2025 - 16:28

Извршен увид во Трубарево – четворицата осомничено добија уште 48 часа притвор

Нови 48 часа притвор за четворицата опфатени во постапката за пожарот во отпадот во Трубарево. На барање на Јавното обвинителство судот го продолжи краткотрајниот притвор.

Истражните органи се уште немаат директен осомничен за предизвикување на пожарот. Осомничени се сопственици и управители на фирми поврзани со објектот и еден вработен.

-Пет дена откако избувна големиот пожар во фабриката за електронски отпад Јавен обвинител и увидна екипа на МВР извршија увид. Ги утврдуваат точните причини за неговото настанување, но со помош на дронски снимки истражуваат како бил складиран отпадот.

-Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата, велат од ОЈО. 

На терен се уште може да се забележи присуство на противпожрано возило. На дел од локацијата и натаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. 

В петок се очекува Државниот инспекторат за животна средина да ги објави првичните мерења на квалитетот на воздухот во денот на пожарот. Испитувањата, според тврдењата на Инспекторатот, се направени од акретидитирана лабораторија, поставени се два уреди кои го мерат присуството на честички во воздухот. 

Вчера Институтот за јавно здравје соопшти дека од пожарот, кој зафати и литиумски батерии, немало радијација. ИЈЗ вршело испитување на 16 тешки метали во почвата. Забележано е зголемување на два параметри, бакар и цинк на едно испитано место. Тоа, според Институтот, е површинскиот слој кадешто гореле литиумските батерии, а резултатите се во рамки на очекуваното. 

Густиот црн чад кој со часови во саботата излегуваше од фабриката за електронски отпад вечерта се спушти во главниот град. Скопјани, речиси во сите делови од градот, чувствуваа силен мирис на изгорена пластика.