Јаневска: Честитки за успешно завршената учебна година, да продолжиме заедно да ги спроведуваме промените за поквалитетно образование

Денес завршува учебната 2025/2026 година. Година што беше подобра од претходната и во која воведовме бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите. Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем, напиша министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа во својата објава на сите основци и средношколци им честита за постигнатите успеси и им посакува убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени.
-Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности, порачува Јаневска.
Нагласува дека нставниците се и остануваат најважниот столб на квалитетното образование.
-Со голема посветеност и професионалност ја реализираа наставата и им го пренесуваа знаењето на своите ученици на најдобар можен начин. За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти. Паралелно вложувавме во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализиравме нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование, потенцира Јаневска во нејзината објава.
Посочува дека е важно да останат партнери со наставниците и во иднина.
-Уверена сум дека заеднички ќе ги реализираме сите цели и активности предвидени со Реформската агенда. Најдобриот интерес на учениците е наш заеднички приоритет и останува во фокусот на сè што правиме. Посебна благодарност упатувам и до родителите и старателите. Нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина, истакнува Јаневска.
Нагласува дека пред Министерството за образование и наука претстои работно лето.
-Во тек се повеќе значајни процеси на кои сме целосно посветени - реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции. Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година. На сите ви посакувам добро здравје, среќа и пријатен летен распуст, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во својата порака по повод завршувањето на учебната година.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски: Заложник сме на една некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат, тоа е она што сакаме да им го објасниме на нашите колеги во Бугарија
-

Воздухопловниот ВИНГ го одбележа Денот на единицата со прелети на армиски и сојузнички воздухоплови | ФОТО
-

Ангелов: На ДЗС и се потребни поранешни припадници на полицијата, армијата и противпожарните единици
-

СП 2026: Норвежаните носат 300 килограми риба и познати готвачи
-

33-годишник со месеци силувал малолетничка додека престојувал во нивниот дом во светиниколско
-

Собранието ја констатира оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи
-

ФФМ ќе чека судска одлука за „случајот Башкими“
-

АПИС: Предложениот Закон за игри на среќа е недозволиво да се носи набрзина
