Македонија
30. May 2022 - 16:35

Кацарска го повика државниот врв во Уставен

Претседателот на државата, премиерот и собранискиот спикер на средба со Кацарска. Сакала да ги информира дека речиси преполовениот број на судии, го отежнува работењето на Уставниот суд. По едночасовниот состанок, претседателката на судот, вели дека добила уверување од државниот врв дека Уставен ја има нивната поддршка.

Пендаровски, Ковачевски и Џафери, пред медиумите не открија детали од средбата со првиот човек на Уставен.

Преку соопштение од кабинетот на Пендаровски, велат на средбата со Кацарска тој бил запознаен со кадровската неекипираност и потребата од подобрување на техничките услови за работа на судот.

„Претседателот Пендаровски ја истка потребата за скорешно надминување на предизвиците во работата на Уставниот су, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови“, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Половина година Уставен работи со помалку судии откако четворица заминаа во пензија. Пополнувањето на испразнетите места треба да го направи собранието, но процесот е блокиран речиси една година. Кацарска се закани дека се додека не се изберат судии, Уставен нема да ја разгледува уставноста на Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците.

Засега нема најава за одржување на собраниската комисија за избор на уставни судии. Постапката почна лани во јуни, а дури во средината на месецов партиите понудија кандидати за судии. Власта предложи тројца, опозицијата двојно повеќе. Актуелниот државен обвинител Јовески, професорот Саво Климовски, актуелни судии и обвинители се предлозите на политичките партии за поплнување на испразнетите места во Уставен.