Како да се „опорави“ системот на ФЗОМ по хакерскиот Рансомвер напад?
Владата и Фондот за здравствено осигурување не откриваат дали е побаран откуп за враќање на компјутерскиот систем на фондот. Вчерашните неофицијални информации дека се бараат 2 илјади биткоини или 44 милиони евра за отклучување на податоците денеска никој не ги потврдува. Поратолот ИТ.мк, повикувајќи се на извори од компутерскиот сектор во фондот, тврди дека не е барана толкава сума, туку неколку стотки.
„Според доставените информации, сумата која се бара за отплата на ransomware-от е смешна и не се брои ниту во неколку стотици евра. Од ФЗОМ, соопштија дека е најдено решение за проблемот и изјавија и дека имало валидни бекапи на податоците, но бидејќи станувало збор за огромен број на податоци процесот за враќање на бекапот е комплициран.“
Иако системот се уште не е во функција, од Фондот тврдат дека личните податоци на граѓаните не се украдени. Тим од домашни и странски експерти привршувале со прочистување на системот за како што велат, вклучување на нормален режим, иако не пишуваат кога тоа ќе се случи.
„При сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Не постои еден и единствен начин како се надминуваат предизвиците кои ги предизвикува одреден сајбер напад, и токму затоа, е потребно повеќе време за надминување на штетите кои ги предизвика нападот“, велат од ФЗОМ.
Министерот за внатрешни ги повика институциите да ја подобрат безбедноста на своите интернет страници.
„Ако денеска имате најдобар систем на заштита, тоа не значи дека тој ќе биде релевантен после шест месеци. Во таа смисла, треба да се обновуваат тие системи кај сите институции и да се преземаат низа на активности кои во континуитет ќе го прават тоа, на дневна основа“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.
Во меѓувреме, ИТ.мк открива дека компјутерскиот оддел во Фондот иако уште лани барал помош за одржување на системите, тоа не било направено, со образложение дека нема пари за ангажирање на дополнителна фирма.
Речиси 10 дена е нефункционален електронскиот систем на Фондот, заради што не може да се исплаќаат плати, доцнат боледувања и породилно, а загрозени се и личните податоци на осигурениците.
За опозицискиот лидер, состојбата во Фондот за здравствено е доказ за неспособноста на владејачката гарнитура. Наместо одговорност, Мицкоски вели директорите добиваат владина заштита.
Претходно и други државни институции беа цел на хакерски напад, за кој се шпекулира дека бил од ист карактер во Фондот. На иско ниво на безбедност, подолго време се апелира буквално за сите сајтови, вклучително и владината интернет страница.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
