Loading Video...
Бизнис
7. August 2025 - 16:31

Како ќе влијаат царините на Трамп врз македонската економија?

Стапија во сила трамповите царини. Македонските производи ќе бидат царинети со 15% при увоз во Соединетите Американски Држави.

Како ова ќе влијае на македонската економија? Народната банка допрва ќе треба да направи анализа.

- Ефектот од воведување царини се чувствува со значително задоцнување. Дури и за самите Соединети Американски Држави, нивните проценки се, затоа што и кај нив ќе има влијание, се дека после пет-шест месеци ќе ги почувствуваат првите ефекти. Треба да направиме анализа и да видиме во која мера тоа би влијаело. Сега немам прецизен податок, вели гувернерот на Народната Банка.

Македонија и САД лани имале трговска размена од околу 314 милиони долари, што е незначително ако се земе предвид дека тоа е само 1,5% од вкупната трговска размена на државата. Директните влијанија од царините на Трамп за Македонија експертите предвидуваат дека ќе бидат само врз неколку компании.

Но, какви би биле индиректните? 55% од македонскиот извоз е во автомобилската индустрија, а токму таа е втората индустрија која најмногу извезува во САД. Дури 20% од германскиот извоз на автомобили одат во САД, и тоа генерално станува збор за луксузни возила.

- Од она што ние го гледаме како добавувач пред се за премиеум возила ќе има влијание. Ќе има влијание бидејќи делот на производите, без разлика што некој смета дека тие не се ценовно сензитивни, кога продавате возила кои коштаат 150.000 – 200.000 долари или повеќе сепак 15% процентна царина е голема сума на пари и ќе има влијание врз намалување на продажбата бидејќи ќе бидат тие возила поскапи. Сите тие царини нема да бидат апсорбирани од производителот, туку од крајниот потрошувач, вели генералниот менаџер на Костал Македонија“.

Намалена побарувачка на возила би значела и помало производство. Тоа според Мизо ќе значи рационализација или намалување на трошоците. Нешто што некои компании во Македонија веќе го прават.

- Тоа не значи секогаш на бројот на вработените. Тоа значи намалување на трошоците кои се сметаат дека можеби не се неопходни. Тоа значи намалување на трошоците со потенцијални обуки, со потенцијални трошоци кои не се директно поврзани со процесот на производство. Но, кај некои компании може да има и намалување на пример, прекувременото работно време кога заради поголемиот обем на работа се работело во сабота, може да се намали. Потенцијално може да се намали користењето на три смени. Но не може директно да се каже која компанија како ќе биде афектирана бидејќи најголем дел од македонските компании немаат екслузивен клиент, вели Мизо.

Трамп повторно го шокираше светот со нови тарифи. Сега најави 100% царини за увоз на чипови и полупроводници со цел да го поттикне враќањето на технолошкото производство во земјата.

Исклучок за царините ќе биде технолошкиот гигант Епл. Американската компанија за возврат најави дека ќе инвестира дополнителни 100 милијарди долари во производство во САД, што практично е на линија на идејата на Трамп за враќање на производствените капацитети дома.

Најголемите светски производители на чипови, тајванската компанија TSMC и јужнокорејскиот Самсунг исто така ќе бидат изземени од трамповите царини. Компаниите добиле потврда дека нема да бидат засегнати бидејќи веќе најавија инвестиции во САД. Тајванскиот TSMC е најголемиот производител на чипови во светот. Околу 50% од вкупното производство во светот доаѓа токму од таму.