Какви мерки ќе има за цените?
Секој маркет на својата веб-страница да ги објави цените на сите производи што ги има – ова е еден од предлозите кои премиерот ќе ги даде на седницата на која треба да се скројат мерки за зауздување на инфлацијата.
Пазарниот инспекторат пред министрите ќе брифира што покажала контролата за изминатите пет месеци, по што Владата ќе одлучи каков механизам ќе употреби.
„Сите ланци на супер маркети, хипер маркети да имаат јавна веб страна, транспарентна на којашто ќе ги објават сите цени, на сите производи коишто ги имаат во своите маркети, за да можат граѓаните да видат јасно колкави се цените, и тие самите да одлучуваат, како што имаат некои земји во светот и да ги следиме ние тие трендови и да правиме некаков хистограм на движење на тие цени“ - Христијан Мицкоски, премиер
Од СДСМ, пак, велат дека премиерот бил „одлепен од реалноста“.
„Дали ова е стратегијата за заштита на животниот стандард? Да ажурираат сајтови додека луѓето сè потешко преживуваат? Овоj „бисер“ е само уште една потврда дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема ни визија, ни волја да преземе конкретни мерки за спречување на растот на цените. Ова не е ништо друго освен мачкање очи пред јавноста дека нешто „се работи“, додека во реалноста, трговците и крупните интереси се заштитени, а граѓаните оставени сами на себе“, велат од СДСМ.
Извештајот на пазарниот инспекторат кај маркетите покажа маржи на основните производи од 5 до 20%. Кај другите продукти, маржите оделе од 25, па до над 35 отсто. Кај увозниците, односно дистрибутерите маржите се движеле од 20 до над 40%.
Направена била конторла на над 700 продажни места, меѓу нив и 10 големи ланци маркети. Проверени се бројки за период од септември до крајот на јануари.
Поради високите цени на храната, граѓаните по примерот на земјите од регионот, двапати ги бојкотираа маркетите. Првиот пат прометот на 8-те најголеми ланци падна за скоро 50 отсто, додека вториот за 22%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар