Карбинци има покриен пазар, но нема кој да продава и кој да купува
Општина Карбинци покриен пазар има, но никогаш не профункционира. Објектот е изграден пред 5 години и е со капацитет од 32 тезги. Оваа инвестиција на локалната самоуправа беше со намера жителите да не мора да одат на пазар во Штип, туку овде да ги пласираат земјоделските производи. Меѓутоа, од година во година процесот на депопулација на руралните средини си го зема данокот, па сега нема ниту кој да продава, ниту кој да купува.
- За пазар треба да има доволен број на населени места, стока, роба што ќе се продава и купувачи за пазарот да има некаков ефект. Можеби некогаш ќе биде, ама во сегашно време нема изгледи.
- За пазар, нема шанси, анкета жители на Карбинци
Со скептицизмот на мештаните запознаен е и првиот човек на општината. Градоначалникот смета дека во консултации со месните заедници и правните субјекти, треба да се најде соодветна намена на објектот, за да не бидат залудно потрошени парите на жителите.
- Ќе донесеме конечна одлука, дали пазарот ќе го ставиме во функција како пазар или ќе најдеме некое алтернативно решение, се со цел да го искористиме објектот кој што е изграден, а да биде во корист на населението овде во општина Карбинци, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Оние кои имаат потреба од земјоделски производи, еднаш неделно одат во Штип, меѓутоа поголемиот дел си имаат сопствено производство, па ретко кога го посетуваат пазарот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар