Македонија
17. July 2025 - 16:33

Недостигот на вода во делови од Скопје главна тема на седницата на советот

Во само 15 минути вчера скопјани за 30% ја зголемиле потрошувачката на вода. Неконтролираното трошење вода, но и урбанизирањето без никаков влог во системот за водоснабдување се двата најголеми проблеми за недостатокот во одредени делови од главниот град.

Двајца раководители од Јавното претпријатие Водовод и Канализација пред советниците во Град Скопје ги образложија најголемите проблеми во водоснабдувањето на главниот град. 

Оперативниот директор уверува дека Претпријатието прави се што е можно од технички аспект за да ја нормализира состојбата, но мора и граѓаните да се поодговорни.

-Ни претставува огромен проблем тоа што водата за пиење се троши нерационално. Тука ние немаме соодветно правно решение кое ќе ни овозможи како тоа да го регулираме и како да ги спречиме оние граѓани кои живеат во пониските делови кадешто имаат постојано вода, да со малку чувство направат да оние граѓани кои немаат вода барем да ги имаат основните услови за живеење во ова денешно време, вели оперативниот директор во ЈП Водовод и Канализација. 

Вина гледаат и во самите општини. Носат Детални урбанистички планови со кои одредени делови од градот се урбанизираат. Инвестирањето и подобрувањето на водоснабдителните системи, според раководните лица во Водовод, е работа на општините, а Претпријатието има за задача да ги одржува.

- Генерирањето на ДУП-ови не значи само проширување и урбанизација на градот, изградба на нови населби, изградба на нови згради, изградба на нови Индуструски зони. Тоа да, но претходно ќе треба да инвестираме и во водоснабдителната и канализационата инфраструктура, вели Дејан Димовски, раководител на ЕОК во Водовод и Канализација.

Говорејќи за состојбата во Автокоманда, Димовски вели дека граѓаните останаа без вода поради неконтролираната градба.

-Во Гази Баба, ако конкретно разговараме и ако изанализираме одредени наназад неколку години имаме и нови населби. Покрај Хипдром имаме уште една – Хиподром 2, во делот на Автокоманда имаме згради изградено, и надградби на згради од 2 на четири, на 6, на 8 ката. Да се навратиме наназад, дали имаме нова пумпена станица? Дали имаме нов резервоар со зголемен капацитет?, вели Димовски. 

Димовски вели дека Градот веќе мора да размислува за алтернативни извори на вода бидејќи со овие капацитети во иднина Скопје ќе има уште поголеми проблеми. 

Општина Гази Баба вчера донесе мораториум за градење за една година. Градоначалникот вчера кажа дека пораснал бројот на жители во општината, а со тоа и притисокот врз мрежата и побара Град Скопје и Претпријатието да преземат итни мерки за водоснабдувањето да се доведе во нормала.