312 кандидати за градоначалници во 80 општини и Скопје, 18 се за главниот град
18 кандидати за градоначалници за град Скопје, 312 листи за кандидати за 80 општини плус Скопје, брои списокот на ДИК кој беше затворен на полноќ. Покрај кандидатите има и 575 листи за кандидати за советници во општини и Скопје. Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи.
Најголем број на листи на кандидати за градоначалници и совети е поднесено за Градот Скопје односно вкупно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје, информираа од ДИК.
Од скопските општини, најголем број пријавени кандидати за градоначалник има во Шуто Оризари.
Пред официјално да започне кампањата кандидатите за градоначалници и советници од политичките партии продолжија со активностите, но и меѓусебните обвинувања.
Од Левица објавија дека тие се единствена партија која има македонски кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и Гостивар.
Во Струга – Јована Мојсоска, актуелна пратеничка и генерален секретар на Левица
Во Тетово – д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки
Во Гостивар – Дарко Грујоски, ИТ-специјалист
За разлика од ДПМНЕ, која под притисок на коалициски договори се откажа од кандидати, Левица останува доследна – со сопствени луѓе, со знаење и интегритет, кои ќе ги бранат интересите на граѓаните, напишаа од Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак за кандидатите на Левица за Струга, Тетово и Гостивар велат дека се користат како гума за спасување на ДУИ.
Од ВРЕДИ пак ја поднесоа листата за советници на Чаир која според нив ќе донесе победа во општината, како и за кандидатот за градоначалник, Изет Меџити.
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи го обвини неговиот противкандидат Изет Меџити дека користи државни ресурси за сопствена кампања.
Двапати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков. Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството, кажа Османи.
Досегашниот градоначалник на Центар пак, Горан Герасимовски кој ќе се бори за нов мандат нардните 4 години, денеска имше отчет за сработеното. Доколку ја добие довербата од граѓаните на претстојните локални избори најави базени, бесплатни екскурзии за ученици, старечки дом, двосменско работење на градинките во општината.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар