Хаос во образовниот процес во Кочани
Меѓусебните препукувања помеѓу советниците на општината и В.Д. градоначалникот на Кочани резултира со хаос во образовниот процес на почетокот од учебната година. На педесетина наставници не им се продолжени договорите за работа, кои им истекоа на 31- ви август, а дел од основците и средношколците две недели губат настава, зашто немаат наставници. На 27-ми август Советот донел одлука за формирање на паралелки со помал број ученици, наставниците да продолжат со работа, а од МОН добиле позитивно мислење. Меѓутоа, В.Д. градоначалникот ја запрел одлуката со образложение дека такво мислење од МОН не е простигната во општината. На последната седница на Советот, со 16 гласа „за“ и еден воздржан се гласаше против решението на ВД градоначалникот, а претседателот на Советот најави и кривична пријава.
- Ќе биде поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на службената положба и јас како претседател стојам на ставот оваа состојба целосно да се испита. Зошто се крие овој документ, ако градоначалникот пратил претходниот пат и за 24 часа стасал до Министерството? Ако на 5-ти септември е пратен, зошто денес овој документ се уште го нема во општината? Се сомневам дека некој го крие овој документ, изјави Лазо Митев, претседател на Совет на општина Кочани
На седницата не присуствуваше В.Д. градоначалникот, иако бил уредно поканет, тврди Митев
- Градоначалникот кој го донесе ова решение сега не е присутен. Јас побарав од службите да им се јават, но и тој и секретарот не се присутни на оваа седница, додаде Митев
Претходно, директорите на средните и основните училишта алармираа дека деколку не се формираат паралелки со помал број ученици, голем број од нив ќе бидат укинати, посебно во руралните средини во Грдовци, Тркање, Подлог, Бели, Нивичани, Прибачево и Оризари. Над 50 наставници ќе останат без работа, а помалите населени места без можност за нормално образование.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар