Македонија
18. July 2025 - 12:12

И лозарите од штипско незадоволни од понудените откупни цени за грозјето

Штипските лозари незадоволни од понудените откупни цени за грозјето од страна на Министерството за земјоделие. Килограм грозје од сортата „Вранец“ треба да се откупува по 21,3 денари, а килограм „Смедерква“ за 18,9 денари. Иако велат, цените се највисоки досега, сепак не ги покириваат производствените трошоци и не содејствуваат со цената на виното, која постојано расте. 

- Виното „Смедервка“ се продаваше по 90 денари за литар, а сега е 130 денари, лани грозјето беше 18 денари, а сега е 21, барем 25 требаше да биде, изјави Илчо Богданов, лозар од штипско 

Цената на грозјето во земјите од регионот  е повеќе од двојно поголема отколку во Македонија, што само по себе говори дека сме конкурентни на пазарот и со половична откупна цена.

- Ако не знаат како треба, нека погледнат во соседните држави, колку е во Србија, Црна Гора, Хрватска. Таму некаде околу едно евро е килограмот. Значи многу сме далеку, кај нас. ако не е едно евро, барем нека биде половина евро, додаде Богданов

Откупот, според лозарите треба да се врши согласно шеќерните единици на грозјето, во спротивно производителите се оштетени од страна на откупувачите. 

- Не може да биде цената од 21 денар за грозје со 19, 20, 21 или 22 шеќерни единици, тоа го нема никаде на Светот. Мора да има цена за квалитет, ако нема 19 шеќерни единици ни велат, ќе ти намалиме еден денар при откупот. Ние се бориме индивидуално и нема кој да не заштти. Ако имаме повеќе шеќерни единици, тогаш ни велат, толку е одредена цената, додаде Богданов

Годинава се очекува род од околу 100 000 тони грозје, а винариите биле заинтересирани за откуп на 57 000 тони, поради што од ресорното министерство е побарано да им биде одобрен непречен извоз на грозјето од државата.