Македонија
13. September 2025 - 16:32

Владата планира целосно автопатско решение на Прилеп со изградба на автопат од Прилеп до Фариш преку Плетвар

Владата планира целосно автопатско поврзување на Прилеп со изгардба на нов автопат од Прилеп до Фариш преку Плетвар. Ова синоќа го најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски кој рече дека со нов изградениот експресен пат Градско-Дреново-Фариш, и со автопатот Прилеп-Битола кој веќе се гради, Прилеп ќе доживее револуција во инфраструктура каква што немал никогаш.

„Значи не само изградба на автопатот од Прилеп до Битола, туку исто така продолжување на истиот до Фариш. Односно онаму каде што сега во моментот завршува експресниот пат Градско – Дреново – Фариш, ќе продолжи автопат кон Прилеп кој ќе продолжи и до Битола, што е целосна револуција и во однос на економијата и во однос на комуникациите на целиот регион“, рече Александар Николоски, министер за транспорт и врски.

Од ЈПДП истакнаа дека наголемо се работи на оваа идеја, а според досегашните  пресметки ќе треба да се гради тунел под Плетвар кој што ќе ја намали далечината за патување од Прилеп кон Градско. Исто така автопатот Прилеп-Битола се градел со засилено темпо, а првата делница од 11 километри да биде пуштена во употреба следната година.

„Целото решение од 40 километри да биде готово на крајот на 2027 или почеток на 2028 година во зависност од временските услови, така што еве најдоцна на почетокот на 2028 година ќе имаме автопат од Прилеп до Битола, кој секако се надоврзува на експресниот пат од Градско преку Дреново до Фариш, а како што споменав од Фариш до Прилеп ќе работиме на проект исто така за автопатско поврзување, така што би имале кога ќе тргнете од Скопје или Гевгелија целосно автопатско решение или експресен пат до Прилеп и секако од Прилеп до Битола“, изјави Николоски

Според ЈПДП поради поголемиот број сообраќајни несречи кои се случија на спојката помеѓу новиот ексресен пат кај Градско со автопатот Пријателство, за околу 2 месеци ќе се поставувале и целосно нова сообраќајна сигнализација, поводлива за возачите, особено за оние кои ќе возат ноќе.