Македонија
27. August 2026 - 14:49

Казни до 10.000 евра за трговците кои не се придржуваат на одлуката за намалување на цените на училишниот прибор

Државниот пазарен инспекторат на терен ги контролира правните субјекти, трговците дали се придржуваат до одредбите на одлуката на Владата со која ги задолжи да ги намалат цените на училишниот прибор најмалку за 10 проценти во трговија на големо и најмалку за 15 проценти во трговија на мало, која се применува од 25-ти овој месец. Граѓаните можат да пријават неправилности или непочитување на одлуката на 191 или www.dpi.gov.mk. 

Според ДПИ трговците за вршење дејност трговија на мало, производите наведени во одлуката, кои се поставени на полиците треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб - страницата на Министерството за економија и труд, како и со претходната продажна цена на која е утврдено намалувањето и новата намалена продажна цена.

- Согласно одредбите на одлуката, највисоките цени на производите опфатени со одлуката се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) кои се применувале на 1 јуни 2026 година во трговијата на големо, кои цени се намалуваат најмалку за 10 проценти, како и во трговијата на мало (специјализирани продавници за продажба на училишен прибор, продавници за спортска опрема кои продаваат ранци и ташни и трговци на мало кои во својот асортиман на производи продаваат и училишен прибор), кои цени се намалуваат најмалку за 15 проценти, појаснуваат од ДПИ.  

Додаваат дека по исклучок, за производите кои се набавени по 1 јуни 2026 година, највисоките цени за производите се утврдуваат на нивото на цените евидентирани во Материјалната евиденција во трговијата на големо, кои цени се намалуваат најмалку за 10 отсто, како и на нивото на цените евидентирани во Приемниот лист во трговијата на мало, кои цени се намалуваат најмалку за 15 отсто.  

Од ДПИ најавуваат дека нивни тимови во наредниот период ќе ги контролираат правните субјекти на целата територија на државата и ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, каде глобите се движат од 500 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, а за целосно непочитување на одлуката предвидена е мерка - привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена. Апелираат до трговците да се придржуваат до одредбите на одлуката на Владата.

Владата на 25 август ја донесе оваа одлука, која ќе биде во сила заклучно со 30 септември 2026 година.

​Мерката опфаќа широк спектар на производи, кои се неопходни за почетокот на учебната година: ранци и ташни; тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала; боички, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери; темперни, акрилни и водни бои и четки; ​линијари и дидактички материјали; ​острилки и гуми за бришење; ​детски ножици, футроли, лепила, шестари; ​дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни. Тука спаѓаат и материјали за изработка, практично сè што е потребно за почетокот на учебната година. 

 

МИА