Ќе има ли нови смени на клиниките?
Стојка Нацева Фуштиќ ја замени Софијанова на Детска, а Виолета Клисарова ќе директорува со Онкологија.
По вчерашните оставки на менаџерите од овие две клиники, назначени нови в.д. директори кои ќе бидат вршители на должност не подолго од 6 месеци до распишување на конкурс. Фуштиќ раководи со одделот за цистична фиброза, а Клисарова е од одделението за брахитерапија.
Софијанова и Васев поднесоа оставки - едниот за нерегуларности со дежурствата констатирани со контролите од Фондот, а другиот наводно за немањето терапија за болните и нејзина препродажба. Разрешен е и економскиот на Детска, но не и организацискиот директор на Онкологија иако согласно неговите ингеренции и врзаниот потпис надлежен е за финансиското работење како и за снабденоста на установата со потрошни материјали.
Фондот не правеше контроли само на клиниката за детски болести туку во сите установи од комплексот Мајка Тереза. Најголем број од нив се завршени и според информации на Сител има нерегуларности и непочитување на колективниот договор кај дел од нив. Дознаваме дека од директорските фотелји ќе заминат уште неколку менаџери а Фондот ќе продолжи со контроли на платите кај директорите во сите ЈЗУ во државата.
И покрај овие информации, нема конкретни одговори од надлежните кои се нерегуларностите кај директорите кои поднесоа оставки, какви злоупотреби правеле, колку пари се во прашање и дали ќе има и друга одговорност освен напуштање на директорските кабинети. Дали покрај медицинските во пакет ќе има разрешувања и на организациските директори?
Инаку, Сител досега неколкупати прашуваше и информираше која е функцијата на економските директори кои земаат месечно од 1500 до 2000 евра плата или годишно сите заедно добиваат околу 400.000 евра, во услови кога долгот на јавните здравствени установи е над 100 милиони евра и кога контролите на Фондот покажуваат нерегуларности во финансиско работење.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
