Ќе има ли рестрикции за празниците - Вчера регистриран рекорден број починати
Во вчерашната најцрна статистика од почетокот на пандемијата 46-те починати не се од едно деноноќие. Меѓу нив има и пост мортем случаи за кои од викендот се чекале резултати од ПЦР тестот. Но, од Министерството за здравство не прецизираа колку лица починале последните 24 часа, а колку уште во саботата или неделата, а се објавени вчера.
-Оваа бројка не се однесува само на починатите пациенти во изминативе 24 часа, туку се пресметани и смртни случаи од последните неколку дена за кои брисевите се дополнително излезени од системот на евиденција. Дел од нив се т.н пост мортем брисеви кои се стасани како позитивни. Во статистиката има и неколку случаи од викендот кој измина кои се пријавени дополнително од ЦЈЗ до ИЈЗ и за кои требало да се направи дополнителна проверка во дата базата, одговорија од МЗ.
Македонија со 2023 смртни случаи од Ковид е на 7-то место во светот по бројот на починати на 1 милион жители. Меѓу последните кои ја загубија битката со вирусот е и 28 годишник. Од министерството информираа дека починатиот имал претходно хронично заболување и само еден ден бил хоспитализиран на Инфективна. ДСЗИ ќе проверува дали навремено добил помош во болница. Во меѓувреме јавноста сеуште го чека исходот од стручното мислење од МЗ и Лекарската комора дали има грешка кај 10-тина починати од Ковид за кои е инициран вонреден надзор.
- Мора да се следи целиот тек на лекување од матичен доктор, лекување дома, патување преку Итна медициска помош до соодветна институција и хоспитализација.. Нема брзање во вонредните инспекциски надзори затоа што врз база на вонредните инспекциски надзори понатаму можеби ќе треба вонреден стручен надзор за конечен исход во однос на тоа дали има или нема грешка во лекувањето, рече д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.
Пулмолозите пак кои директно работат со Ковид пациенти велат дека 5 проценти од болните се со многу тешка клиничка слика и неопходно е лекување во интензивна нега.
Кај 14 до 15 проценти од пациентите вирусот предизвикува пневмонија, а 5 проценти се критични со многу тешка клиничка слика и за нив е неопходно лекување во единиците за интензивна нега, изјави Д-р Сава Пејковска, од Клиниката за пулмологија.
Дали дополнително ќе се намали работното време на угостителските објекти за Новогодишните празници ќе се одлучува идната недела. За да нема собири и прослави од Инспекцискиот совет велат дека ќе бидат засилени контролите овој период.
- Апсолутно дека ќе има засилени контроли, но ќе зависи од тоа како ќе биде решението. Инспекциските служби не учествуваат во процесот на донесување одлуки дали ќе работат, нема да работат, дали ќе има некакви промени во однос на работењето на угостителските објкети. Во зависност од тоа што ќе се одлучи, така и ќе се организираме, рече Магдалена Филиповска Грашкоска, претседател на Инспекциски совет.
Минатата недела пазарниот инспекторат затворил четири угостителски објекти, три во Скопје и еден во Гостивар поради непочитување на протоколите за заштита од коронавирусот.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
