Ќе му се суди на возачот кој ја прегази девојката од Радовиш
Ќе му се суди на возачот кој ја прегази 24 годишната Викторија Николова. Кривичниот суд го прифати обвинението со кое 22 годишниот возач се товари дека предизвикал сообраќајка со жртви.
„Советот за оценка на обвинителен акт, по одржана седница, донесе решение со кое приговорите се одбиваат, а актот против обвинетиот Ј.Ѓ., осомничен за кривично дело, Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, од чл. 300 ст. 2 в.в со чл. 297 ст. 1 од КЗ, се одобрува во целост“, се вели во соопштението од Основен Кривичен суд.
Од судот велат дека веќе е оформен предмет, компјутерскиот систем ќе избере судија па ќе започне и судењето.
Според кривичното дело, на возачот на цитроенот, му се заканува затворска казна од најмалку четири години.
Од обвинителството тврдат дека брзината и невниманието биле причини за несреќата која се случи во јануари годинава кај Сити мол.
Според истрагата, младиот возач не обрнал внимание на трепкавиот семафор, а Цитроенот се движел со над 67 километри на час – брзина кобна за девојката од Радовиш која го минувала пешачкиот премин.
Во текот на истрагата, обвинителството го сомничеше возачот и дека не им помогнал на повредените, но во обвинението испратено до судот, не беше напишано кривичното дело неукажување помош кое се казнува со една година затвор.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
