Македонија
2. јуни 2022 - 16:35

Ќе одите на море? - Каде ви се потребни сертификати, каде нема никакви протоколи?

Ако летниот одмор сакате да го поминете во Малта, Кипар или на плажите во Шпанија и Португалија мора да имате Ковид сертификат. Ова не важи за деца до 12 години. 

Потврда за вакцинација, прележаност или тест ви е неопходна и за Египет, Германија, Холандија, Франција... 

За да влезете со вакцина во овие земји доколку од втората доза ви се поминати 9 месеци, мора да имате бустер доза и тоа 14 дена пред да патувате. Западните земји ги признаваат само вакцините кои се одобрени од европската агенција за лекови и СЗО. 

Според информациите од сајтот на МНР, конкретно ако патувате во Германија, а имате примено две кинески или руска вакцина, а третата Фајзер нема да ве пуштат зошто земјата не го признава ова за комплетна вакцинација.

За разлика од западно европските земји во Турција можете да патувате и со две примени дози од било кој производител без разлика кога сте вакцинирани или со ПЦР до 72, односно антиген тест до 48 часа.

Но, доколку се одлучите да летувате во некоја држава во регионот немате обврска да поседувате ковид сертификати.

Никакви ограничувања на границите нема во Грција, Бугарија, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Словенија.

Ковид мерките за влез на граничните премини пред 2 дена ги укина и Италија, а претходно тоа го направија Австрија, Чешка, Полска, Словачка, Романија, Унгарија и скандинавските земји.