Бизнис
18. December 2023 - 16:35

Ќе се раскине ли договорот со Синохидро?

Министерството за транспорт и врски го чека експертскиот извештај, за заедно со Владата да одлучат, дали кинеската „Синохидро“ ќе продолжи со изградбата на автопатот Кичево –Охрид или ќе се бара друг изведувач. Бидејќи се уште не може да се зборува за раскинување на договорот, актуелниот изведувач треба да продолжи со работа, изјави ресорниот министер Благој Бочварски.

- Тие имаат обврска да работат на секој апозиција каде што е отворен фронт за работа, но онаму каде што се јавиле потешкотии, свлечишта, одредени состојби во однос на проектната докуметација и техничките решенија, таму треба да се репроектира, да се дадат нови технички решенија и налог за работа на изведувачите- изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Во однос на брзата пруга Белград –Скопје, за железничко поврзување по коридорот 10, Бочварски истакна дека е договорен заеднички настап со Србија за барање на финансиски средства од меѓународните институции, но најнапред треба да се реализира делницата од Белград до Ниш.

- Нашиот дел е од Скопје до границата „Табановце“ и поврзување со аеродромот „Скопје“. Анализите се направени, веќе ќе започнеме со работа на студијата за таа железничка пруга, на проектирање на основниот проект-истакна Бочварски.

Крајниот рок за изградба на браната на река Отиња беше јануари-февруари 2024-та година, а денес се констатира дека се извршени 60% од градежните работи.

- Имаме предвидено средства и за наредната година и очекувам кон крајот на следната година да се види крајот на реализацијата на овој проект, согласно временските услови, бидејчи овде временските прилики или неприлики многу влијаат врз реализацијата на градежните објекти-додаде Бочварски.

Ова е капитален проект за Штип, за чија реализација од централниот буџет се издвоени 305 милиони денари.