Кочани доби Центар за поддршка на момчиња и мажи
Во време кога менталното здравје сѐ почесто се отвора како важна тема во јавноста, во Кочани започна со работа Центар за поддршка на момчиња и мажи. Станува збор за простор каде мажите од сите возрасти можат да побараат совет, психолошка поддршка, разговор и помош за справување со секојдневните предизвици.
- Живееме во динамично време, а општествените очекувања се мажите да бидат силни, со тоа што често ги потиснуваат своите емоции. Статистички, многу поретко бараат стручна помош за нивното ментално здравје, што многу често подоцна може да доведе до последици, изјави д-р Дарко Иванов, началник на невропсихијатриско одделение при ЈЗУ Општа болница – Кочани.
Со отворањето на овој Центар, Кочани добива нов простор на доверба, поддршка и солидарност, место кое испраќа силна порака дека грижата за менталното здравје е важна за сите и дека барањето помош е чин на сила, а не на слабост.
- Да создадеме простор во кој ќе можеш да бидеш комотен, каде ќе можеш да разговараш без да има предрасуди. Дополнително мислам дека е важно, ние како НВО, партнерите од другите држави, но и сите професионалци од оваа држава, никогаш да не го заборават Кочани и тоа што му се случи, зашто тоа е најмалку што може да направиме за овој град. Да не дозволиме да биде запишан на страниците на заборавот, туку секојдневно, во рамки на нашите капацитети да ги потсетуваме луѓето и да работиме на подобрување и изнаоѓање начин оваа колективна траума која ја прежиева Кочани, а преку тоа и цела Македонија и регионот, изјави Виктор Бучковски, Координаторот на Центар за мажи и момчиња – Скопје.
Податоците од истражувањата говорат дека индикаторите за ментално здравје кај момчињата покажуваат влошување со возраста.
- На возраст од 13 години, дури 47% од момчињата учествувале во најмалку една и повеќе тепачки во текот на послените 12 месеци. Дополнително, студијата покажува дека 15 годишниците, дури ¼ од нив иили секое четврто момче, пријавило дека има проблеми со спиењето или има лошо расположение, Елизабета Божиноска, програмска директорка на „ХЕРА“
Првиот центар е отворен во Скопје пред 2 години. Досега вкупно 135 момчиња преку 950 сесии добиле поддршка за проблеми поврзани со менталното здравје.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
