Македонија
27. February 2026 - 12:23

Кочани на достоинствен начин ќе ја одбележи годишнината од трагедијата во „Пулс“

Локалната самоуправа на Кочани, во координација со „Здружението на граѓани-16-ти март“ донесе одлука за достоинствено одбележување на едногодишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија 63 млади лица, а над 200 беа потешко и полесно повредени. Настани ќе има три дена, од 14-ти до 16-ти март, со што ќе се оддаде почит на загинатите, ќе се изрази поддршка кон повредените, но и ќе се искаже искрена благодарност кон сите оние кои несебично помагаа изминатиот период. Првиот ден, ќе се одржат верски содржини во православниот храм, молитвено сеќавање на починатите. 

- На 15-ти март настанот го насловивме „Кочани ви благодари“. Овој ден ќе биде посветен на повредените и благодарност кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци и сите кои не ги спомнавме овде, но ги паметиме и сите што помогнаа младите да преживеат и да закрепнат. На 16 -ти март 2026 – содржините на тој ден ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, изјави Владко Грозданов, градоначалник на Кочани.

Грозданов додаде дека тридневното одбележување не треба само да биде сеќавање на болката, туку нов лист за заедништво, сплотеност, истрајност и мир на граѓаните на општината.