Македонија
14. November 2023 - 16:41

Колку Македонците пазарат на Интернет?

Податоците покажуваат дека секој втор македонец купува онлајн- околу 50% од нашите граѓаните го користат Интернетот за купување производи, но сепак рекордери за најмногу пазарење онлајн од регионот се србите.

Во Македонија најмногу се купува облека на интернет со 68,4%, но сепак Албанија го држи првото место за направени нарачки на облека во последните три месеци, односно 91%.

Додека побарувачката за облека на Интернет во Македонија е голема, сепак споредбено со земјите од регионот и Европа, македонците најмалку нарачуваат електорника, комјутери, таблети и телефони.Најниско рангирани сме и кога станува збор за купување мебел, додатоци за домот и градинарство.

Ова се податоците од годишниот Извештај кој го спроведе Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија. На денешната, шеста по ред е-конференција, претседателката на асоцијацијата, Нина Ангеловска, посочи дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија не се движат по посакуваното темпо во областа на е-трговијата.

Поради страв од измами, дел од потрошувачите сѐ уште со недоверба гледаат на онлајн-трговијата, посочи претседателот Стево Пендаровски.

“За да одговори на овие предизвици, државата мора да ја гради довербата во овој сектор со тоа што ќе се бори против сајбер- криминалот и ќе ја гарантира сајбер-безбедноста на пазарот. Понатаму, државата мора да вложува во современо дигитално образование за да го надмине дигиталниот јаз во македонското општество. Конечно, мора да го развиваме македонскиот екосистем на е-трговија за да може да привлекува инвестиции, да генерира работни места и да ги задржува младите во земјава.”

Македонците најмногу користат Интернет од земјите во регионот, особено за видео повици и пораки на вибер, фејсбук, ватсап. Додека сме под европскиот стандард за плаќање преку интернет банкарство, го надминуваме европскиот просек во искажување на нашето мислење на социјалните мрежи за политика и социјални теми.

На овогодишната конференција, во фокусот беше ставена вештачката интелигенција како помагател во развојот на е-трговијата, но и план и дискусија за подобрување на оваа гранка.