Колку политичарите имаат етичност и непристрасност во меѓусебната комуникација?
Криминалци, паднати од Марс, патувачки циркуз, дезертери, лепак за криминал и пари, блокатори на закони, светски прваци во немање став- се дел од епитетите кои политичките партии милуваат да си ги даваат меѓусебно преку партиски соопштенија.
Ако за СДСМ, Христијан Мицкоски е малиот Груевски, тогаш за ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски е марионетата на Зоран Заев. Но покрај додавањето украсни зборови, двете најголеми политички партии во Македонија сакаат и да одземаат по некоја буква од името на противничката партија.
Во речиси секое политичко соопштение на ВМРО-ДПМНЕ каде го критикуваат Социјалдемкоратскиот Сојуз на Македонијаа стои само СДС- и ја одземаат буквата М на партијата што означува Македонија, за да посочи на продажбата на идентитетот за кој ја обвинуваат протвиничката партија по Преспанскиот договор.
Додека ВМРО-ДПМНЕ “скромно” одзема само една буква на политичките опоненти, опозициската партија во соопштенијата на социјалдемократите, е само ДПМНЕ, бришејќи ја поврзаноста на партијата со историското ВМРО.
Преку омаловажување едни со други собираат поени, за глас плус кај граѓаните.
Па ако во љубовта и војната се е дозволено, се чини дека и политиката изостанува во ова дуо. Се поставува прашањето дали политичарите имаат етичност и непристрасност во меѓусебната комуникација?
- Се пропушта правилната комуникација да оди напред, се живее од денеска за утре односно се дејствува од денска за утре, и се смета дека колку по силни, лоши, тешки зборови со говор на омраза користите, толку ќе бидете подобро прифатени - изјави Бојан Кордалов, комуниколог
Политичките партии имаат своја визија како сакаат да бидат сфатени во јавноста.
Додека ВМРО-ДПМНЕ се претставува како спасител и бранител на народот, СДСМ сака да биде прифатена кај граѓаните како единствена партија со која Македонија може да биде дел од Европската Унија.
- По 8ми мај новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе ги извлече граѓаните од сиромаштијата во која западнаа во изминатите 7 години поради негрижата на оние кои раководеа со институциите на системот и се фокусираа само на лично богатење, наместо да се заложат да обезбедат подобар животен стандард како што ветуваа пред да дојдат на власт. – ќе каже новиот министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, чија матична партија ветува дека ќе ги излече граѓаните на Македонија од сиромаштија.
- На сите им е јасно дека СДСМ и коалицијата се единствената политичка опција која може да ја внесе Македонија во ЕУ до 2030 година, за разлика од ДПМНЕ и нивните привезоци, кои на секој начин изминативе децении гледаат да се случи нешто друго- истакнува пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ давајќи им до знаење на Македонците дека само со поддршка на Социјалдемократскиот сојуз ќе станат дел од европското семејство.
Политичарите се на врвот на пирамидата поттикнувачи на говорот на омраза во општеството, алармираат комуниколозите.
- Ако граѓаните, секој од нас гледа дека нивните претставници кои што ги носат законите во Собранието, што ги спроведуваат во Владата, во локалната самоуправа буквално не се воздржуваат да кажат било каков лош збор, збор со омраза, збор со напад, збор што потикнува агресија, каква порака праќаат на обичните граѓани какви што сме сите? Дека ние можеме да бидеме уште толку охрабрени да ги користиме овие наративи, бидејќи оние што треба да ги почитуваат и носат законите не го прават тоа, додаде Кордалов.
Иако знаат да употребат навредливи зборови едни наспроти други, да се надвикуваат на говорница, политичките опоненти велат, иако имаат различни ставови не се мразат едни со други. Откако ќе се изгасат камерите тие знаат и да пијат кафе заедно и да споделат лични работи надвор од политиката. На крајот велат и тие се луѓе.
- Да, ние пиеме кафе заедно и ние разговараме и тогаш е сосема друг наративот. За жал говорницата како да има некоја посебна магија и честопати не можам некои мои колеги да ги препознаам, не велам секогаш, но знае да има еден таков наратив и си велат ,,Зар е можно?''. И после тоа ќе се видиме и ќе прашам зошто беше потребно тоа? Но знаеме да се искорегираме па и да се извиниме едни на други, изјави Снежана Калеска - Ванчева, пратеник на СДСМ.
- Нормално и човечки е да се направи муабет кој е надвор од политиката. За жал не можам да кажам дека последниве години често имало ситуации кога ситуацијата била релаксирана, но има индивидуалци кои што подобро се согласуваат и кога ќе се изгасат камерите може да се најде и некој заеднички став, што е надвор од политиката. Дали тоа е нешто приватно, за некое хоби, за нешто што се случува во рамките на семејството и нормално е кога ќе работите со некој заедно да ги споделувате и личните и добри и лоши работи кои се случуваат, секако приватно - изјави Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Доколку не се контролира говорот на омраза помеѓу политичките опоненти, може да предизвика поларизација кај граѓаните, алармираат експертите, но и се поголема недоверба во политичките партии што резултира на се помала излезност на изборите.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар