Македонија
9. March 2026 - 21:12

Колони возила на бензинските станици

Гориво на бензинските има, ама за да се наточи, се чека во колона. По најавите за драстично поскапување на дизелот од ноќеска на полноќ, доцна попладнево граѓаните навалија да ги наполнат резервоарите. Во центарот на главниот град не постои бензинска станица на која не се чека ред. Граѓаните пак велат, поскапувањето не е причина што гориво купуваат пред полноќ.

Поскапувањето од 14,5 денари кај дизелот и пет кај бензинот, засега не ги премислува граѓаните – велат, возилото им било неопходно. Проблем имаат тие со земјоделска механизација која велат не можеле да ја донесат до бензинска станица.

Пазарните инспектори во изминатите неколку дена провериле речиси 300 бензински станици. Кај дваесетина наишле на привремен недостиг на гориво, но од пазарна велат дека дотур имало веднаш и по час до два снабдувањето продолжувало без проблеми. Поради тоа и инспекторите не напишале казни.

Во деновите кои следат се најавени уште почести контроли, а Пазарниот инспекторат има формирано тимови кои ќе контролираат низ целата држава.

Цените на нафтата на светските берзи и натаму се нестабилни, а вечерва се спуштија и под 100 долари за барел.

Во меѓувреме, состанокот на министрите за финансии на Г7 и Меѓународната агенција за енергија заврши без договор за ослободување на резерви на сурова нафта.