Македонија
27. April 2022 - 16:42

Комисијата за заразни болести бара укинување на рестриктивните мерки

Паднаа сите ковид мерки во државата. Комисијата за заразни болести препорача укинување на рестрикциите кои беа воведени поради коронавирусот. Доколку предлогот добие зелено светло од Владата нема потреба од сертификати за во угостителски објекти, на културни , спортски и други настани. Нема да има ограничување ниту на бројот на луѓе во затворени простории, ниту протоколи кои беа воведени за се и сешто. Останува само задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица.  

-Комисијата апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца, соопштија од мз.

Епидемиологот Сашко Олумчев се согласува со одлуката на Комисијата за укинување на сите Ковид мерки. Според него ова требало да се случи уште пред 2 недели и било очекувано со доминацијата на Омикрон сојот.

-Омикрон се покажа како побениген сој немаше хоспитализации, немаше посебно тешка симптоматологија и едноставно за 2-3 дена со лесна симптоматологија поминува и дава имунитет кој трае 3-4 месеци и во моментот е добро. Дали ќе има позитивни резултати не е толку битно во моментот дури е и пожелно бидејќи вакцинирањето ни стагнира и со самото заразување популацијата наша ќе добие 3-та, 2-ра доза кој како и тоа по природен пат и ќе набилдаме природен имунитет кој ќе ни се најде наесен, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во ЦЈЗ Гевгелија.

Не само летото доколку Омикронот е доминантен и понатаму, доктор Олумчев прогнозира дека ќе имаме стабилна епидемиолошка состојба со Ковид и есента.