Македонија
14. January 2024 - 16:37

Комисијата за заразни болести ќе заседава во вторник

Членовите на Комсијата за заразни болести во вторник на состанок ќе ја разгледуваат состојбата со респиратиорните инфекции во земјава. Иако периодов има зголемен број на болни од грип, респираторен синцицијален вирус и Ковид ставот на дел од докторите во Комисијата е дека бројките биле вообичаени за овој период од годината, а на седницата ќе одлучеле дали има потреба од некакви мерки.

Во меѓувреме и во амбулантите на матичните и во болниците имаат зголемен број на пациенти. Во Клиниката во “Козле” речиси цел месец дневно евидентираат по окјолу 200 амбулантски прегледи, повеќето од децата биле со вирусни инфекции.

- Имаат слична симптоматологија и затоа можеби симптомите се поклопуваат, но она што е битно не треба децата, родителите да се вознемируваат за кој тип на вирусно заболување станува збор, не треба да се фокусираме за тестирањето, обично овие вируси ако немаат тешка клиничка слика и ако детето не е во тешка состојба да се следи и на тој начин ќе се намали ширењето на вирусите, и ако детето е во добра состојба треба да остане во домашни услови да не се создаваат гужви во амбулантите и едноставно вирусот ќе помине, изјави д-р Мирјана Поповска, педијатар во Клиниката за респираторни заболувања кај децата –Козле.

Но, доколку симптомите се поизразени и не се смируваат, а температурата трае неколку дена тогаш детето да се однесе на матичниот или во болница советува доктор Поповска. 

- За помалите доенчиња, за децата на предшколска возраст со отежнато дишење, хипоксија, изразена кашлица која не се смирува неколку дена, пролонгирана фебрилност, во тој случај да побараат помош во педијатриските болници и клиники.

Во Клиниката “Козле” во моментот на болничко лекување имаат 60 деца, две од нив се на кислородна подршка, но се стабилни. Повеќето од хоспитализираните се доенчиња до 1 година кај кои вирусот предизвикал воспаление на белите дробови.