Компанија за производство на марихуана го снабдувала црниот пазар во Кочани со дрога
Со камион за комунален смет се превезувала марихуана во Кочани. Каналот за транспорт го прекинала полицијата во четвртокот. Дрогата спакувана во црни вреќи како комунален отпад била товарана во фабрика за производство на масло од канабис и пренесувана до кочанската депонија, а од таму завршувала на нарко-пазарот.. За целата акција осомничен е 39 годишен бугарски државјанин кој управувал со фабриката за масло од канабис.
„Преку правниот субјект каде во својство на управител е регистриран С.В.К., извршена е набавка на марихуана, која потоа е сместена во објект во рамки на наведениот правен субјект, по што на 14.07.2022 дел од истата е префрлена во контејнер за отпад, односно во специјално товарно моторно возило за собирање смет, сопственост на Комуналното јавно претпријатие ,,Водовод“ од Кочани, за да потоа биде оставена на депонијата во Кочани, од каде НН лица ја земале за понатамошно неовластено пуштање во промет, со цел стекнување на противправна имотна корист“, изјави Гоце Андреевски , портпарол на МВР.
Нарко каналот кој го отворил бугарскиот државјанин преку својата фирма, неделава го прекинала полицијата во момент кога марихуната како отпад била товарана во кругот на фабриката.. Во камионот за смет биле пронајдени 238 килограми марихуана чија вредност полицијата ја проценува на повеќе од 400 илјади евра.
„По забележување на товарното моторно возило со натпис ,,КЈП Водовод – Комунална хигиена“, како влегува во оградениот простор на правниот субјект од Кочани, каде работници од „КЈП Водовод – Комунална хигиена“ механички ја истуриле содржината на контејнерот за смет во камионот, преземени се мерки и активности, при што истото е сопрено“, изјави Андреевски.
Од МВР велат дека против бугарскиот државјанин е поднесена кривична пријава за недозволено производство и продажба на наркотични дроги, а кривично ќе се гони и неговата компанија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
