Македонија
16. January 2024 - 16:52

Ковачевски: Не можам да бидам портпарол на сите министри што имаат роднини во М-НАВ

Вработувањето на роднини на функционери по доброплатените државни институции било одлика на општество во транзиција. Вака премиерот Ковачевски ретерираше откако „КОД“ објави дека роднини на министри се вработени во Македонска навигација, иако претходно премиерот М-НАВ ја прогласи за „семејна фирма“.

Ковачевски вели дека не треба да се гледа само состојбата во Македонска навигација, туку и во другите државни институции.

- Таа тема ако се отвори ќе треба да проверите и во Академија на судии кој се стана стана судија и обвинител, па ќе треба да видите по министерства. Има еден министер бивши, сега е многу гласен. Тој дури и бејбиситерката си ја вработи во МНР, што му го чуваше детето. Така што, тоа е една карактеристика на едно општество во транзиција, вели Ковачевски. 

Министерот Николовски, пак, вели дека неговиот чичко во Македонска навигација работел уште пред тој да се роди. За неговиот братучед тврди дека се образувал во странство пред да се врати во Македонија.

- Знаете за каков кадар станува збор? За највисоко стручно посветен кадар школуван во Словенија, Јапонија и Кина којшто после 20 години се вратил во земјата и секој од нас треба да се бори да ги задржи младите тука. Тоа се впрочем и нашите политики, вели Николовски.

Антикорупциската комисија, чии членови ќе ги напуштат функциите следниот месец веќе ги проверуваше роднините на Николовски кои работат во М-НАВ. Меѓутоа, антикорупционерите не најдоа ништо спорно бидејќи вработувањата биле реализирани пред повеќе од 20 години. 

Во Македонска навигација вработени се блиски роднини на министрите Николовски и Османи, како и на вицепремиерот Артан Груби. 

Во М-НАВ влегоа и трудовиот инспекторат и финансиската полиција. Но, трудова ќе ги проверува само последните 17 вработувања. Директорката на инспекторатот вчера рече дека во координација со Финансиска ќе одлучат дали ќе го зголемат надзорот и врз роднините на функционерите.