Македонија
12. August 2021 - 16:49

Ковид центрите забрзано се полнат - за неколку дена раст од над 100% исполнетост со пациенти

Делта сојот почна да ги полни болниците. Ако викендот на Инфективна имаше 30-тина хоспитализирани, денеска на болничко лекување поради компликации од Ковид на Клиниката има 70 пациенти од целата држава. Поголемиот дел се во тешка состојба и на кислородна подршка, информираат од Министерството за здарсвтво.

Најкритична е состојбата во полошкиот регион. Во тетовската болница само последното деноноќие биле примени 16 новозаболени, а лекарите имале 118 амбулантски прегледи. Во Ковид Центарот во Тетово во моментот хоспитализирани се 51 позитивен, од нив дури 47 се на кислород.

Доктор Нуредини истакна дека Тетовци сериозно ја сватиле состојбата и масовно почнале да се вакцинираат.

-Според она што го гледам пред пунктовите многу сериозно ја сватиле работата, но мора да внимаваат и пред пунктовите да не се заразат во меѓувреме па да треба да ги хоспитализираме, изјави за Сител д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид Центарот при тетовската Клиничка болница.

Состојбата со новозаразени и хоспиталирани е критична и во Гостивар. Во тамошната болница на инфективното одделение има 24 пациенти и веќе нема место. Почнува да се полни и модуларната болница.

-Во моментот имаме 45 хоспитализирани, амбулантски дневно прегледуваме по 50-60 пациенти, ги третираме колку што можеме, ама е многу зголемен бројот на пациенти и амбулантски и хоспитализирани, изјави за Сител д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективното одделение во болницата во Гостивар.

Покрај не пријавување на контактите многу позитивни лица токму од Тетово и Гостивар не само што не седат во изолација туку и ја напуштаат државата. Само за 3 дена полицијата регистрирала 8 вакви случаи.