Бизнис
23. December 2023 - 16:36

Крајната цена на струјата ќе се знае во вторник

 Во вторник ќе се знае крајната цена на струјата од Нова година. Регулаторната комисија за енергетика тогаш ќе објави и колкав ќе биде надоместокот за пренос и дистрибуција на електрична енергија.

Надлежните тврдат дека нема да има ценовен шок на струјата, иако енергетските компании бараат зголемување од 27%. Но првиот регулатор Бислимовски тврди дека компаниите нема да добијат толку висок процент. Меѓутоа, и ЕВН доби понуда повисока за 7% од ЕСМ за набавната цена на струјата.  

Новата ставка – надомест за пренос и дистрибуција ќе ја плаќаат сите – без разлика дали трошат струја или не. Сумата за неа би се движела од 50 до 250 денари. Оваа ставка и досега беше дел од структурата на сметката и интегрирана во тарифите за енергија, но сега се издвојува посебно. Надлежните уверуваат дека таа нема да влијае на крајната сметка за потрошувачите.

Во меѓувреме, расте бројот на домаќинства кои влегуваат во поскапите блокови. Според податоците на ЕВН, во ноември во блоковите 1 и 2 имало 690 .000 корисници, 10 илјади помалку, кои поради поголемата потрошувачка преминале во 3 блок.

Инаку, компанијата е при крај со сетирањето на броилата за евтина тарифа. Од ЕВН велат дека воведувањето на евтината дневна тарифа се прави по истиот редослед како и усклучувањето.

-Корисниците на кои први им се укинала евтината тарифа, сега први добиваат евтина тарифа. Ниту еден корисник нема да биде оштетен. До крајот на месецот сите броила ќе бидат сетирани, освен тие кои се недостапни како: броила во затворени објекти, викендички и слично. Неделата на СЕТИРАЊЕ на корисникот е усогласена со периодот на отчитување. Значи ако е корисникот во прва недела на отчитување, во првата недела од месецот му било сетирано броилото. Ако е во втора група, сетирањето е во втората недела од месецот итн. Електродистрибуција поседува 170.000 далечински броила и 630.000 обични дигитални броила за кои е потребно време физички и со присуство на лице место да се сетираат, велат од ЕВН.

Евтина тарифа домаќинствата сега добиваат два часа во текот на денот, од 13 до 15 часот.