Македонија
6. April 2021 - 12:37

Критична состојбата во болницата во Штип

Расте бројот на пациенти во Ковид центарот во штипската клиничка болница на кои им е потребна постојана кислородна поддршка. Вкупно се хоспитализирани 95 ковид пациенти, што е најголема бројка на лица на болничко лекување од почетокот на пандемијата. Во модуларната болница сместени се 42, а вкупниот капацитет е 47 кревети. На инфективното одделение има само две слободни места, односно на болничка нега и повремена кислородна поддршка им е потребна на 53 пациенти. 

Потрошувачката на кислород рапидно расте. Ако во есенскиот пик дневно се трошеа по 500 литри кислород, сега се потребни над 800 литри. Пред пуштањето во употреба на модуларната болница на инфективно во месец март потрошиле 25 тони кислород.

Во моментот состојбата со тешките пациенти се менаџира во модуларната, каде има централен довод на кислород. Во ковид центарот заедно со тројцата инфектолози работат и анестезиолози, интернисти, кардиолози и помошен медицински персонал од другите одделенија. Од болницата апелираат пациентите на кои им е влошена здравствената состојба навреме да се јавуваат за лекување, зашто во изминатиот период се хоспитализираат пациенти со многу тешка клиничка слика.