Кривичниот суд го отфрли тврдењето на Ковачевски дека предолго траеле судењата и затоа сега застаруваат
Првиот човек на Кривичниот суд каде се водат предметите од висок профил, се спротивстави на тврдењето на премиерот Ковачевски дека судењата траеле предолго и затоа застаруваат. И Џолев, како и неговите колеги од судската фела, смета дека измените на Кривичниот законик со кој се ублажија казните за злоупотреба на службената положба се упад во правосудниот систем.
„Секој нормален човек ќе дојде до заклучок дека главниот проблем за застарување се измените во Кривичниот законик. Она што како фела го анализираме е дека веројатно требало да се внимава на тајмингот кога се носат измените. Ако станувало збор за усогласување со ЕУ регулативата, кога тие измени требало да се случат? Тајмингот кога некои работи треба да се случат е многу важен. Во спротивно, може да бидат контрапродуктивни“, изјави Иван Џолев на брифинг со новинарите.
Од судот велат дека вкупно 36 предмети се соочени со застарување - 21 од нив се на поранешното Специјално обвинителство. Скоро сите во изминатите пет години биле завршени, ама повисокиот суд побарал одново да се судат. Апелациониот суд, дел од предметите ги чувал и повеќе од една година пред да одлучи за нивната судбина.
„Сега не би зборувале за застарени предмети ако тие беа пресудени мериторно од Апелациониот суд. Да престане да се вперува прстот во Кривичниот суд дека тој е причина за тоа што некои од предметите се застарени. Се манипулира со јавноста дека судските постапки траат 7,8 или 10 години“, појаснува Џолев.
Трошоците за застарените предмети, од Кривичен велат, ќе се плаќаат од државниот буџет. Сумите, оценуваат дека ќе бидат милионски.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
