Македонија
11. March 2024 - 16:35

Личните карти ќе се подигнуваат од полициските станици во општините каде живеат граѓаните

Од денеска готовите лични карти граѓаните ќе треба да ги подигнуваат од полициските станици во општините каде се заведени дека живеат. Ако живеат во некоја од населбите во општина Карпош, тогаш од полициската станица Карпош, ако се од Гази Баба тогаш во полицијата во Автокоманда.

На првиот ден од новиот систем на подигнување, некои брзо и успешно си ја земале готовата лична карта, на други пак се уште не им била пристигната во полициска станица од управните служби на МВР,  на некои уште не им била готова, па одат по неколку пати во денот да проверат.

За дали ви е готова личната карта, не може да се провери на веб сајтот на МВР, како што може за патните исправи.

Подигнувањето на личните карти од полициски станици, доаѓа откако мерката полициските службеници да им ги носат на врата личните карти, не дала ефект, вели министерот Тошковски.

Откако граѓани поднесуваа претставки и се жалеа дека готовите лични документи им се изгубени низ кутиите на управните служби на МВР и чекаат по неколку месеци да ги подигнат, дополнителниот заменик министер, Митко Бојмацалиев покрена внатрешна истрага да утврди кој е виновникот поради кој толку се доцни со издавање на личните документи.

Но внатрешната истрага, според министерот Тошковски утврдила дека е направен пропуст токму кога Бојмацалиев бил шеф на кабинет на екс министерот Оливер Спасовски.