Македонија
24. January 2024 - 16:39

Македонската армија ќе се опреми со нови хеликоптери откако старите ги дониравме на Украина

Министерството за одбрана ќе набави хеликоптери Агуста Вестланд 149 и 159. По три годишни анализи и прибирање понуди од проектниот тим во министерството за одбрана, понудата од италијанската компанија Леонардо е прифатена како најповолна. Сега работата се префрла во друга комисија, вели Петровска.

„Во наредниот период, комисијата која ќе биде формирана во министерството ќе има за задача да ги продолжи преговорите со оваа компанија и се надевам успешно да извести за завршување на тие преговори, по што согласно правилата ќе можеме да склучиме и таков договор. Очекувам испораката на тие хеликоптери да биде во рамките на предвидениот рок, а тоа е најдоцна 2 години од потпишувањето на договорот“ – Славјанка Петровска, Министерка за одбрана

Агуста 149 е повеќенаменски воен хеликоптер и компанијата тврди дека е најнапредниот модел во својата класа. Првпат полетал во 2008 и оттогаш е продаден на италијанската војска и полиција. Има носивост до 14 патници со опрема.

Агуста 159, исто така, може да се користи за различни задачи. Во употреба е од 2009-та. Има помала носивост, до 8 патници.

Лани Петровска кажа дека планирана е набавка на 8 хеликоптери која ќе чини над 200 милиони евра, откако Владата одлучи да донира 12 армиски хеликоптери на Украина. Тогаш рекоа дека во македонската армија нема место за опрема произведена во осумдесетите.

Буџетот за одбрана годинава го надмина прагот од 2% од БДП и изнесува околу 327 милиони евра