Марта Кос: Денеска е “Мега понеделник” за проширување на ЕУ – Украина и Молдавија ги почнуваат преговорите
“Мега понеделник” за проширување на Европската Унија. Вака го опиша денешниот ден Еврокомесарката Марта Кос пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Украина и Молдавија ги почнуваат преговорите по кластери и го прават најзначајниот чекор на својот пат да станат дел од европското семејство откако добија кандидатски статус во 2023 година.
- Прво, Украина и Молдавија ќе го направат својот најголем чекор од одлуката за започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија во 2023 година. Конечно ќе можеме да го отвориме првиот кластер за двете земји бидејќи тие испорачаа, а сега е време да испорачаме и ние, изјави Марта Кос, Еврокомесарка за проширување.
Покрај одлуките за Украина и Молдавија, Црна Гора денеска затвора уште две преговарачки поглавја. Со тоа, Подгорица се приближува до затворање на половина од сите поглавја, што е важен сигнал за темпото на нејзините реформи и усогласување со европското законодавство. Еврокомесарката за проширување најави можен крај на преговорите на Црна Гора со ЕУ до крајот на годината за време на ирското претседателство , а потоа и нејзино полноправно членство.
Марта Кос ги повика кандидатите да продолжат со спроведување на реформите, нагласувајќи дека напредокот во процесот на проширување директно зависи од резултатите на терен и доследната имплементација на политичките и правните стандарди на ЕУ.
Македонија е на европскиот пат повеќе од две децении,но се уште не отвора кластери. Последна пречка е кочницата од официјална Софија поради барањето за внесување на Бугарите во Уставот.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
